Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање од Прилеп (ЈП за ПУП) денеска објави тендер за набавка на четири нови автобуси наменети за градскиот сообраќај. Станува збор за нископодни автобуси што ќе имаат клима уреди и ќе овозможат превоз на хендикепирани лица. Вкупната вредност на тендерот е проценета на над 47 милиони денари. Заинтересираните компании имаат рок од 22 октомври за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка. Времетраењето на договорот со најповолниот понудувач е 2 години, при што новите автобуси ќе треба да се испорачаат во рок од 120 до 150 дена по склучувањето на договорот.
*Извор на фотографија: Општина Прилеп
Четирите нови автобуси ќе треба да имаат минимум 25 седишта за патниците, како и минимум 36 места за стоење. Општина Прилеп со овие превозни средства ќе овозможи редовно одржување на постојните автобуски линии, но и ќе го отвори патот за натамошен развој на јавниот градски превоз.