Градот Скопје денеска го објави огласот за избор на проектант што ќе ги изработи инфраструктурниот проект и основниот проект за изградба на булеварот „Македонска Косовска бригада“, на потегот од раскрсницата со булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) до раскрсницата со булевар „Босна и Херцеговина“. Оваа сообраќајница во иднина би имала исклучително важна улога во поврзувањето на општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари со центарот на Скопје, бидејќи ќе треба да се надоврзе на планираното продолжување на булеварот „Св. Климент Охридски“, во правец од Пластичарската улица кон владината зграда на булевар „Илинден“ во Центар.
*Улицата „Цветан Димов“ во моментов е единствената сообраќајница што ги поврзува Чаир, Бутел и Шуто Оризари со центарот на Скопје
Должината на идната сообраќајница би изнесувала околу 2.000 метри. „Со изградба на оваа сообраќајница во оптимален попречен пресек, ќе се надмине тесното сообраќајно грло во овој дел на Скопје и ќе се ублажи сообраќајниот метеж во овој дел од главниот град“ се наведува во огласот распишан од Град Скопје. Трасата на булеварот „Македонско Косовска бригада“ би минувала низ постојната населба Топаана, со што во иднина би се намалила постојната преоптовареност на улицата „Цветан Димов“ и Бит-пазар.
Градските власти проценуваат дека изработката на проектната документација ќе чини околу 2,4 милиони денари. Заинтересираните учесници на тендерот имаат рок до 16 октомври за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk