Општина Кавадарци објави Конкурс за избор на идејно решение за надградба на постојната административна зграда во центарот на градот. Впечатливото архитектонско здание во камен лоцирано на кавадаречкиот плоштад во иднина би добило надградба со дополнителен кат. Идната наградба би обезбедила соодветни простории за општинската администрација, вклучувајќи кабинет на градоначалникот, сала за состаноци и канцеларии за 100 вработени. Третото ниво на постојниот објект треба да се вклопи во просторот, а за неговата обработка е потребно да се применат современи материјали.
*Постојната општинска зграда во Кавадарци во иднина би добила дополнителен кат
„Посебно внимание да се посвети на надворешниот изглед на објектот, и истиот да се вклопи во постојниот амбиент. Да се задржат карактеристиките од старата фасада, а новата да претставува спој со старата, заедно да претставуваат една целина“ се наведува во архитектонскиот Конкурс. Авторот на победничкото идејно решение ќе се стекне со прва награда во износ од 120.000 денари бруто износ. За селекција на конкурсните трудови и за избор на најсоодветното решение ќе одлучува тричлена жири – комисија во состав: Гордана Белевска Мустафа, Лидија Чулева Костовска и Миленко Панарин.
Заинтересираните архитекти и проектантски бироа имаат рок до 12 декември за да ги достават изработените идејни решенија до општина Кавадарци.