Претходна статија
Македонија очекува приклучок кон брзата пруга Белград - Будимпешта
Следна статија
Владата бара партнери за изградба на гасоводната дистрибутивна мрежа

Путин најде нова траса за „Јужен поток“ – Македонија транзитна земја?

Објавено на 18.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Рускиот претседател Владимир Путин не се откажува од проектот „Јужен поток“ и се обидува да пронајде алтернативна траса за преносот на природен гас кон Европа. Во рамките на денешната конференција за печат во Москва, Путин обелодени нова можност за проектот, која ја вклучува изградбата на главниот преносен гасовод низ териториите на Турција, Грција, Македонија и Србија. Откако пропадна гасоводниот проект „Јужен поток“ поради јасните барања на Европската унија за расчленување на изворите за снабдување со гас, официјална Москва се обидува да пронајде нова алтернативна траса со која би се избегнала Украина при преносот на гас до европските потрошувачи.

 

* Се обидува ли претседателот Владимир Путин да исцрта нова траса на проектот „Јужен поток“?

 

На денешното прашање на новинарката Вероника Романенкова од руската државна агенција ТАСС, рускиот претседател Владимир Путин одговара: „Возможен ли е таканаречениот европски хаб на границата со Турција и Грција? Тоа не зависи од нас. Тоа зависи во значителен степен од нашите европски партнери. Сакаат ли тие да имаат стабилни, загарантирани и апсолутно јасни испораки на енергетски ресурси од Русија без никакви транзитни ризици? Прекрасно, тогаш ние ќе работиме. Тогаш е можно преку Грција да се влезе во Македонија, возможно е понатаму да се влезе во Србија и е можно повторно да се дојде до Баумгартен во Австрија.“, изјави претседателот Владимир Путин. Говорот на претседателот Путин интегрално го пренесе руската новинска агенција „Севодња“, а одреден нејзин дел е објавен и на интернет – порталот „Руска реч“ на македонски јазик.

 

 

Пред неколку недели, Русија објави дека гасоводот „Јужен поток“ е мртов и воедно обелодени дека својата намера да изгради транзитен гасовод под водите на Црното море ќе ја пренасочи кон Турција, а не кон Бугарија. Македонската влада кон крајот на јули 2013 година потпиша договор со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот „Јужен поток“. Македонија во моментов има реализирано магистрален гасовод кон Бугарија, од каде гасот пристигнува преку цевководите што минуваат низ Украина, европска земја во која се одвива воен конфликт во нејзините источни делови и на која изминатава пролет и беше одземен дел од нејзината територија преку проблематичната анексија на полуостровот Крим од страна на Русија.

 

 

Бојан Блажевски