Премиерот Зоран Заев денеска во Гевгелија свечено ја пушти во употреба новата пречистителна станица за отпадни води, реализирана како резултат на соработката помеѓу Владите на Швајцарија, Грција и Македонија. Пречистителната станица има капацитет да прочистува отпадни води во населени места со 30.000 жители, со што ќе бидат задоволени потребите за целиот гевгелиски регион. Инфраструктурниот комплекс се состои од пречистителна станица со пропратни градби, таложни базени, шахта за тиња, просторија за електрика, просторија за анализа и административна зграда. Како резултат на ова, во реката Вардар веќе нема да се влеваат отпадните води од Гевгелија, туку пречистена вода.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
„Задоволство ми е што ја пуштаме во употреба петтата по ред Пречистителна станица за отпадни води во државата, овој пат во Гевгелија. Пречистителните станици во Струмица, Радовиш, Кичево и Прилеп, кои ги пуштивме во употреба изминатите неколку месеци работат во полна пареа и овозможуваат значително почиста и поздрава животна средина“ изјави премиерот Заев.
Новоизградениот објект во Гевгелија е пример за трилатерална соработка, со оглед на фактот што 6,7 милиони евра се обезбедени од Швајцарската Конфедерација за проектирање и изградба на пречистителната станица, 1,8 милиони евра од грчката влада за изградба на административна зграда, линија за мил и други административни работи, додека македонската влада и општина Гевгелија инвестираа над еден милион евра за изградба на колекторот, пристапниот пат и системот за заштита од поплави.