Претходна статија
Македонските градежници во иднина со помалку работа во странство
Следна статија
„Гранит“ годинава остварил добивка од 2,9 милиони евра

Пуштен во употреба новиот кинески воз на МЖ

Објавено на 15.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По повеќе од 30 години, на македонските пруги сообраќаат нови возови. Македонски железници – Транспорт денеска ја пушти во сообраќај новата електромоторна гарнитура од кинеската компанија „CSR Corporation Ltd“. На свечениот настан присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски. Кинеската патничка гарнитура ќе сообраќа на електрифицираната пруга од Табановце до Гевгелија. „Денеска ја испишуваме историјата во Македонски железници. Децении и децении наназад чекавме кога по нашите пруги ќе возат модерни возови, што ги забележуваме во развиените земји“, изјави министерот Мисајловски.

 

###

 

 

Новата гарнитура има капацитет за превоз на 200 патници. Располага со современа опрема, вклучувајќи електронска табла за управување, камери, монитори во кабината на машиновозачот, клима уреди, вакуум – тоалети и електронски дисплеи за означување на станиците. Возот е изработен во согласност со техничките стандарди за интероперабилност на ЕУ. Купувањето на оваа гарнитура е дел од проектот за обнова на возниот парк на Македонски железници преку подигнатиот кредит од Европската банка за обнова и развој, кој вклучуваше купување на 150 нови товарни вагони и шест моторни гарнитури.

 

До крајот на годинава треба да пристигне и втората електромоторна гарнитура, која веднаш ќе биде вклучена во сообраќај. Другите четири возови на дизел погон треба да пристигнат во првиот квартал од 2016 година и истите ќе превезуваат патници на неелектрифицираните пруги во земјава. Вкупниот капацитет на сите возови изнесува 1.200 патници, со што ќе се покрие 60% од возниот ред на државното железничко претпријатие.