Македонскиот премиер Зоран Заев денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на новите објекти изградени во склоп на граничниот премин „Табановце“. Новоизградените објекти на Царинскиот терминал Табановце се финансирани со средства од Европската унија во висина од 1,9 милиони евра. „Го пуштаме во употреба новореконструираниот инфраструктурен капацитет на граничниот премин Табановце, развиен според најмодерните и функционални стандарди за царинење и олеснување на трговијата“ изјави премиерот Заев.
Со проектот е воведен Интерперабилен информатички систем на Царинската управа со царинските информатички системи на ЕУ, со што ќе се овозможи движењето на стоките кон и од ЕУ и ЕФТА државите да се одвива со само еден документ во електронска форма. Амбасадорот на Европската Унија во Македонија Семуел Жбогар во своето обраќање истакна дека со овој настан се заокружува кампањата на ЕУ посветена за промоција на нејзиниот придонес кон подобрување на транспортот во нашата земја.
Со финансиските средства од ЕУ се овозможи проширување на терминалот за увоз и извоз на стока на граничниот премин „Табановце“ за дополнителни 4.000 метри квадратни, вклучувајќи ги и новите придружни објекти. Проектот започна со реализација во летото 2015 година.