Претходна статија
Општина Аеродром доби ново училиште, инвестиција вредна над 2 милиони евра
Следна статија
Се бара нов изведувач за довршување на зградата на „Водовод и канализација“

Прво консултант, потоа нов тендер за воведување на трамвајот во Скопје

Објавено на 03.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градските власти пресекоа, најпрвин ќе се ангажира нова консултантска куќа, а потоа ќе се објави меѓународен тендер за изградба на долгонајавуваниот трамвај во Скопје. Огласот за избор на консултант денеска е објавен на интернет – страницата на Бирото за јавни набавки. Властите бараат субјект што ќе им дава советодавни услуги за реализацијата на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и трансфер на трамвајски систем за превоз на патници во Скопје. Крајниот рок за доставување на понудите е 23 септември, за кога е закажано и отворањето на техничките понуди. Финансиските понуди ќе се отворат на датум што дополнително ќе биде закажан.

 

Засега нема информации колку оваа меѓуфаза во остварувањето на проектот ќе го оддолжи изборот на најповолен понудувач и почетокот на изградбата на трамвајот. Последниот тендер за воведување на алтернативен јавен превоз пропадна на крајот на јуни годинава, кога понудата на норвешкиот конзорциум „Скурдал и Метнит групација“ беше одбиена од Градот Скопје поради неисполнување на пропишаните услови на тендерот. Во проектот за изградба на трамвај треба да се вложат 240 милиони евра преку издавање на концесија на приватен партнер, кој би бил заинтересиран да инвестира и да управува со овој капитален проект. Преку моделот на јавно – приватно партнерство треба да се изгради првата трамвајска линија во должина од 12,1 километри и да се набават трамвајски возила за одвивање на сообраќајот.