Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов денеска изјави дека најпрво ќе мора да се изградат сервисните патишта за населените места кои гравитираат околу некогашниот регионален пат кон Свети Николе, а дури потоа ќе биде пуштен во употреба автопатот Миладиновци – Штип. Тој потврди дека уште кон средината на декември лани добиле писмо од кинескиот изведувач на работите „Синохидро“ дека автопатот е целосно изграден.
Сервисните патишта за населените места што се наоѓаат крај трасата на автопатот ќе мора да се довршат, бидејќи жителите нема да смеат да се приклучат на овој автопат на местата каде што нема клучки, додека ваквата патна инфраструктура е надвор од главниот проект на автопатот и е предвидено да се доврши пред да профункционира автопатот Миладиновци – Штип.
Пуштањето во употреба на оваа автопатска делница се одолговлекува веќе неколку месеци наназад. Роковите за изведба на проектот вреден 226 милиони евра се пробија во неколку наврати, а последниот законски датум за комплетирање на градежните работи на терен беше 30 септември 2018 година. Автопатот долг 47 километри започна да се гради во февруари 2014 година.