По повеќе од една и пол година од почетокот на изведбата, центарот на Скопје ја доби првата галија во реката Вардар, која се вклопува во замислениот изглед на градот од проектот „Скопје 2014“. „Барокниот“ брод ќе функционира како мезе – бар и кафуле, како и останатите угостителски објекти во централното градско подрачје. Самиот брод е изграден од челик и дрво, додека неговата внатрешност е изведена од гипс – картон. Компанијата што ќе управува со галијата има обврска да му плаќа на Градот Скопје месечна кирија во висина од 2.300 евра во наредните 10 години.
Наспроти вложените финансиски средства на „Фаланга дим“, скопската градска власт со буџетски средства го изведе водоводниот, канализациониот и електродистрибутивниот приклучок на галијата. На надворешниот изглед на овој објект му кумуваше Градот Скопје, кој го изготви идејното решение. До денешен ден не е обелоденет авторот на идејното решение, и тоа не само за оваа галија, туку и за останатите два објекти што во моментов се реализираат во коритото на реката Вардар. Едната од нив исто така ја гради фирмата „Фаланга дим“, додека инвеститор на вториот објект е сопственикот на ресторанот „Воденица“.
Во согласност со ДУП „Мал Ринг“, во централното градско подрачје е предвидено да има шест галии во Вардар. Градот Скопје досега не пронајде инвеститори кои би изградиле ваков тип на објекти од левата страна на реката. „Барокните“ галии во Вардар беа вцртани во урбанистичкиот план за строгиот центар на Скопје во два наврати во 2012 година.