Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) одобри 305 милиони евра за изведба на инфраструктурни проекти во Македонија. Со финансиските средства целосно ќе се реализира втората етапа од изградбата на пругата кон Бугарија, поточно делницата од селото Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри. Истовремено, оваа финансиска институција обезбеди грант во висина од преку 6 милиони евра за изготвување на основниот проект, надзор над градежните активности и консултантска помош во текот на целиот процес.
Пред еден и пол месец, ЕБРД го публикуваше и известувањето до сите заинтересирани градежни компании дека меѓународниот тендер за изведба на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка ќе се објави до крајот на годинава. Ако навремено се следи целокупната постапка, тогаш изборот на компанија што ќе ги реализира градежните работи би се комплетирал во текот на 2015 година. Паралелно со втората етапа, во моментов се одвиваат активностите за реконструкција на пругата од Куманово до селото Бељаковце во должина од 30,8 километри.
Покрај за овој проект, со последната одлука на ЕБРД се насочени финансиски средства во износ од 160 милиони евра за изградба и реконструкција на македонските патишта. Според денеска објавените информации од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, парите ќе се повлечат во две транши, со кои ќе се покрие остварувањето на неколку зафати. Ќе се гради автопат од селото Требеништа до Струга со должина од 8,5 километри, нов експресен пат од Охрид до Пештани, како и експресни патишта на некои од постоечките и идни магистрали – од Градско до Прилеп и од Штип до Кочани. Кредитот од ЕБРД е со рок на отплата од 15 години, грејс период од четири години и моментална каматна стапка од околу 1,5%.
Бојан Блажевски