Германската консултантска фирма „Обермаер“ ќе го изработи главниот проект за доизградба на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка, како дел од Коридорот 8. Во наредните 18 месеци треба да се комплетира целата проектна документација, по што ќе следи избор на изведувач што ќе ја догради оваа делница во должина од 36 километри. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешното потпишување на договорот за подготовка на главниот проект истакна дека изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка треба да започне за две години. Изготвувањето на овој важен документ ќе чини 2,4 милиони евра, финансиски средства обезбедени преку грант од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Претставникот на канцеларијата на „Обермаер“ во Грција, Јоханес Киру, вети дека проектната документација ќе биде изработена во предвидениот рок.
Министерот Јанакиески информираше и за активностите за реконструкција на железничката делница од Куманово до Бељаковце, како прва фаза од остварувањето на проектот за железничко поврзување со Бугарија. Во процесот на претквалификација се влезени девет компании, кои до 16 септември треба да ги достават своите понуди. Најповолниот понудувач за рехабилитација на пругата во должина од 30 километри треба да биде избран во текот на годинава. За последната делница од Крива Паланка до бугарската граница ќе се распише оглас за изработка на проектот во претстојните месеци од 2013 година. Предвидувањата на надлежното министерство се дека Македонија железнички ќе се поврзе со Бугарија во периодот од 2020 до 2022 година.