Претходна статија
Охрид во потрага по идеи за уредување на Кејот „Македонија“
Следна статија
Заврши гасификацијата на болницата „8 Септември“ во Скопје

Проширувањето на „Митрополит Теодосиј Гологанов“ доцни три месеци

Објавено на 29.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, на потегот од крстосницата со булеварот „8 Септември“ до улицата „Московска“ кај студентскиот дом „Гоце Делчев“, доцни веќе трет месец. Од реализираните активности на терен, може да се увиди дека трасата е целосно пробиена, поставен е асфалт на дополнителната коловозна лента и изведена е една од пешачките патеки. Новото осветлување веќе се поставува, а изградбата на подземната инфраструктура финишира на тротоарот од десната страна на булеварот. И покрај овие активности, санацијата на целиот асфалт долж трасата не е ниту почнат, ниту пак е завршена изведбата на вториот тротоар долж оваа сообраќајница.

 

####

 

 

Градските власти посочуваат со прст кон времето како ограничувачки фактор за навременото завршување на работите. „Поради релативно неповолните временски услови во текот на пролетта и летото, кои се карактеризираа со обемни врнежи, временскиот рок за проширување на последната фаза од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ минорно е пролонгиран. Проектот е во завршна фаза, во моментов се работи на формирање и на последната крстосница, по што работите во целост ќе бидат завршени“ изјавија за „Билд“ од Одделението за односи со јавноста на Град Скопје.

 

####

 

 

Изведбата на третата фаза од проширувањето на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во должина од 1.100 метри започна кон крајот на јануари минатата година. За овој проект од буџетската каса на Град Скопје се издвоени финансиски средства во висина од околу 250 милиони денари. Градежните работи на терен ги изведува компанијата „Трансмет“ од Скопје, додека новото осветлување го поставува фирмата „Магнус Инженеринг“.

 

 

Текст и фото: Бојан Блажевски