Претходна статија
Во 12 општини ќе се работи на документација за водовод, канализација и регулација на речни корита
Следна статија
Коце Трајановски во „Скопје 2014“ најде континуитет со пост-земјотресната обнова на градот!

Пропустите на претходната влада за автопатот Миладиновци – Штип ќе чинат 20 милиони евра

Објавено на 27.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во изградбата на автопатот Миладиновци – Штип се направени пропусти, за чие надминување ќе бидат потребни дополнителни над 20 милиони евра. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска ги објави првичните проценки околу проблемите со кои се соочува изградбата на оваа автопатска делница. Од кинеската фирма „Синохидро“ веќе било побарано уште една година да работат на терен, со цел да се заврши изградбата на овој автопат. Првичниот рок за негово пуштање во употреба беше мај 2017 година.

 

 

Министерот Сугарески нагласи дека е најден документ во архивата на министерството, со кој се бара склучување анекс за продолжување на изградбата на автопатот Миладиновци – Штип. „Овој документ предочува дека во април годинава, на само неколку дена пред рокот кога автопатот Миладиновци – Штип требаше да биде предаден во употреба, министерот за транспорт и врски на претходната влада доставил информација до Владата дека 32 проценти од работите на патот не се завршени. Значи, знаеле за пропустите, а пред јавноста ја криеле оваа информација“ вели министерот Сугарески.

 

Со најновото поскапување на автопатот Миладиновци – Штип, нашата земја ќе треба да ги преплати двата кинески автопата со 140 милиони евра. Ова е минималната сума што ќе треба да се исплати на кинескиот изведувач, ако се земе во предвид фактот дека досегашниот увид во документацијата утврди потреба од дополнителни 120 милиони евра што ќе треба да се исплатат за довршување на автопатот Кичево – Охрид.