Општина Охрид по втор пат ја поништи тендерската постапка за реконструкција и партерно уредување на Кејот „Македонија“ на брегот на Охридското езеро. Локалните власти се откажале од изборот на најповолен понудувач, при што како причина се наведуваат доставените цени и услови за реализација кои се понеповолни од реалните на пазарот. По пропаѓањето на вториот по ред тендер, локалната самоуправа ќе има уште една можност за да го реализира тендерот пред одржувањето на локалните избори во текот на претстојнава пролет.
Проектот за реконструкција и партерно уредување на охридскиот кеј „Македонија“ чини 1,2 милиони евра. Општинските власти планираат да го завршат целокупниот зафат во рок од 15 месеци. Во изминатиов период беше изготвено идејното решение за шеталиштето, но истото не ѝ беше презентирано на јавноста до денешен ден. Последниот тендер за избор на изведувач на работите беше распишан кон крајот на декември 2016 година.