Тендерот за изградба на трамвај во Скопје е поништен. Норвешкиот конзорциум „Скурдал и Метнит групација“ во доставената понуда не ги исполнил сите пропишани услови. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска најави дека во август или во септември ќе биде распишан нов повик за јавно – приватно партнерство за реализација на долговетуваниот трамвај. „Во меѓувреме, ќе се консултираме со неколку компании, сè со цел условите што ги бараме да бидат прифатливи“, изјави градоначалникот Трајановски. Иако имаше неколку заинтересирани инвеститори, до крајот на април единствено норвешкиот конзорциум достави понуда за изградба и стопанисување со планираниот трамвајски систем во градот.
Во проектот треба да се вложат околу 240 милиони евра, а досегашните услови налагаа приватниот партнер да ја добие концесијата врз скопскиот трамвај во период од 35 години. Во согласност со тендерската документација, инвеститорот требаше да ја изгради трамвајската линија 1 во должина од 12,1, односно 24,2 километри во двата правца, заедно со станиците и депото, но и да купи најмалку 22 трамвајски возила за превоз на патници на релацијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Тендерот за воведување на трамвај во главниот град беше објавен во декември минатата година.