Охридската локалната самоуправа не успеа да пронајде приватен партнер за изградба на ветениот затворен пазар во центарот на Охрид. Според информациите на охридската телевизија „ТВМ“, ниту една компанија не доставила своја понуда на неодамнешниот повик за воспоставување јавно – приватно партнерство за изградба на нова зграда со административен, деловен и трговски простор, како и подземен паркинг на местото на постоечкиот градски пазар. Од општина Охрид засега не излегуваат со информации што понатаму ќе се прави со овој проект, дали ќе се распише трет повик за пронаоѓање на приватен партнер или пак ќе се оди со друг модел за остварување на проектот.
Првичната проценета вредност за изградба на ветениот објект во Охрид изнесуваше околу 3,3 милиони евра. Покрај затворен пазар, во зданието со подземен паркинг, приземје и три ката требаше да се смести и дел од локалната администрација, додека приватниот соработник што ќе инвестира во објектот би добил дел од деловните простории. Новиот градски пазар е предвидено да биде лоциран во приземјето на зградата, со 192 тезги што ќе се простираат на 1.230 метри квадратни. Подземниот паркинг е планирано да се состои од 150 возила, со што делумно би се решил проблемот со паркирање во центарот на Охрид. Постоечкото раководство на општина Охрид го најави овој проект како едно од најважните ветувања за реализација во својот мандат.
Бојан Блажевски