Општина Карпош ја поништи постапката за избор на изведувач на градежните работи за реконструкција и санација на градинката „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе 1. Како што се наведува во објавената информација на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, општинските власти оцениле дека тендерската документација содржи битни пропусти или недостатоци, до моментот на отворање на понудите. Тендерската постапка беше објавена на почетокот од октомври годинава.
Тендерската постапка за реконструкција на градинката „Мајски цвет“ не може да се спроведе веќе една и пол година, иако од државниот буџет беа обезбедени средства за оваа намена уште во април 2016 година. Од друга страна, децата од оваа населба посетуваат настава во девастиран објект сочинет од стари монтажни бараки што не се реконструирани долги години наназад, иако се наоѓаат во една од најурбанизираните скопски населби. Преку грант од Светската банка за реконструктивниот зафат треба да се одвојат околу 40 милиони денари. Од Општина Карпош во наредниот период ќе треба да објават нов тендер за реализација на санациониот зафат на градинката „Мајски цвет“.