Претходна статија
Пријавување за доделување на Големата годишна награда на ААМ за 2018 година
Следна статија
495 станови одобрени за изградба од општините во текот на септември

Пропадна тендерот за проект за изградба на обиколница околу Ресен

Објавено на 09.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Одложена e изработката на проектната документација за изградба на патна обиколница околу Ресен. Јавното претпријатие за државни патишта ја поништи тендерската постапка за избор на проектант за идната обиколница на државниот пат А3. „Договорниот орган не може да изврши избор на најповолна понуда поради битни повреди на Законот за јавните набавки согласно со членот 210 од Законот“ се наведува во образложението објавено на Електронскиот систем за јавни набавки.

 

Државата годинава планираше да одвои 23,5 милиони денари за изготвување на проектната документација. Сепак, поради неуспешниот тендер, неопходната документација за идната обиколница околу Ресен ќе се подготвува во текот на 2019 година. Најпрво ќе треба да се распише нов тендер, а потоа да се избере најповолниот понудувач за проектантската фаза. Поништениот тендер опфаќаше изработка на целосната документација – идеен проект, проект за инфраструктура и основен проект.

 

Граѓаните на Ресен со години наназад чекаат остварување на ветувањето за изградба на обиколен пат, којшто би го решил проблемот со сообраќајниот метеж што го создаваат транзитните возила низ градската улична мрежа. Доколку се реализира проектот, возилата што сообраќаат меѓу Битола и Охрид во иднина не би влегувале во Ресен.