Претходна статија
Најавениот споменик на Мајка Тереза прерасна во објект висок 32 метри
Следна статија
Македонските општини заборавија на поволноста за управување со градежното земјиште

Пропадна обидот за наоѓање инвеститор за затворен базен во Битола

Објавено на 16.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Приватниот сектор е незаинтересиран за вложување во проектот за изградба на затворен базен во Битола. Локaлнaта власт не успеа да пронајде инвеститор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за реализација на долгогодишното ветување. Од општина Битола информираат дека две компании ја подигнале тендерската документација, но ниту една од нив не доставила финална понуда на распишаниот оглас. Според плановите на градските власти, во наредниот период ќе се спроведе нова постапка за избор на приватен партнер во остварување на овој проект, но оттаму не наведуваат дали ќе се менуваат дел од условите за привлекување на заинтересираните субјекти. Според досегашните критериуми, приватната компанија што требаше да инвестира во проектот, ја имаше можноста да управува и да го одржува објектот во временски период од 180 месеци.

 

Битола е еден од поголемите градови во земјава, но се уште не располага со затворен базен за спортски и рекреативни активности на граѓаните. Идниот базен е планирано да биде со димензии од 25 метри во широчина и 53 метри во должина, а максималната длабочина е предвидено да изнесува 2,05 метри. Спортско – рекреативниот објект ќе се лоцира кај градското шеталиште, во близина на постоечка спортска сала „Младост“. Општина Битола ќе ја обезбеди локацијата за градба, додека пак приватниот партнер ќе треба да ја финансира изведбата.