Министерството за транспорт и врски го поништи огласот за прибирање понуди од компаниите кои се заинтересирани да изработат физибилити – студија за развој на дистрибутивната гасоводна мрежа во Македонија. Според информациите на економскиот интернет – портал „Фактор“, во планираниот рок биле доставени две понуди, но и двете се отфрлени. Едната компанија е отфрлена од постапка за избор поради недостиг на банкарска гаранција, додека втората поради тоа што понудата ја надминува проценетата вредност утврдена за оваа јавна набавка. Нов оглас за избор на компанија што треба да ја изработи неопходната документација е планирано да се објави во текот на наредната недела.
За изработка на физибилити студија за дистрибутивната гасоводна мрежа се одвоени 3,9 милиони евра од државниот буџет. Од надлежното министерство при објавувањето на јавниот оглас појаснија дека ваков стратешки документ досега не е подготвен на ниво на Македонија.