Ќе почека изградбата на фамозниот отворен базен во скопската населба Шуто Оризари. Агенцијата за млади и спорт го поништи вториот по ред тендер за изведба на планираниот спортски објект во оваа општина. На тендерот не пристигнала ниту една понуда од градежните компании, се наведува на веб-страницата на Бирото за јавни набавки. Пливачкиот базен требаше да се изгради во рок од шест месеци, па така, речиси сигурно е дека проектот сега ќе почека на реализација по одржувањето на локалните избори. Отворениот пливачки базен беше планирано да се гради на 4.076 метри квадратни.
Проектот за изградба на базен во скопската општина Шуто Оризари беше предвидено дека ќе чини 730.000 евра. Во меѓувреме, граѓаните од оваа населба и понатаму имаат огромни проблеми со неразвиената водоводна и канализациона мрежа. Голем број семејства немаат пристап до чиста вода за пиење во нивните домаќинства, а Градот Скопје дури во 2017 година се одлучи да почне да ги гради првите километри на атмосферска канализација долж главна улица во општината. Засега нема информации дали и кога повторно ќе биде објавен тендер за изведба на планираниот отворен базен во Шуто Оризари.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk