Претходна статија
Со 1,4 милиони евра ќе се рехабилитира патот кон Бошков мост
Следна статија
Новиот градски пазар во Гевгелија ќе биде готов до крајот на 2014

Пронајден е инвеститор за новата зграда на Општина Центар (Дополнето)

Објавено на 26.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Првичните четири идејни решенија кои Општината ги откупи во 2010Министерството за транспорт и врски денеска ја продаде градежната парцела, на која во моментов се сместени дотраените бараки на Општина Центар. Локацијата со површина од 7.528 метри квадратни е продадена по цена од 3.080 денари за метар квадратен, поточно за атрактивниот простор во центарот на Скопје идниот инвеститор ќе треба да плати 23.186.240 денари односно над 370 илјади евра. На ова место е предвидено да се изгради 15 – катна зграда со максимална висина од 55 метри, која во иднина ќе биде новиот административен објект на општината. Официјални информации за купувачот на градежното земјиште засега не се соопштуваат. Од локалната самоуправа накратко информираат дека за електронската лицитација е надлежно Министерството за транспорт и врски, а од таму не добивме одговор на нашите поставени прашања.

 

Според досегашните информации, најповолниот понудувач е обврзан да го реализира проектот со сопствени финансиски средства, при што 51% од целокупниот простор со површина од 31.000 метри квадратни ќе треба да го намени за локалната администрација на Центар, додека преостанатите 49% ќе може да ги користи за сопствени цели, со предвидена намена за мали комерцијални и деловни дејности, големи трговски единици, големи угостителски единици и за култура. Идниот градител на објектот е ослободен од плаќање надоместок за уредување на градежното земјиште од страна на Градот Скопје и на Општина Центар. Компанијата ќе треба најпрвин да ги уплати финансиските средства на сметката на министерството, но и да склучи договор со локалната власт со кој ќе се обврзе дека повеќе од половина од зданието ќе го префрли во нивна сопственост. По комплетирањето на целата постапка, предвиден е рок од 12 месеци за обезбедување одобрение за градење и временски период од 72 месеци од денот на добивањето на градежната дозвола за завршување на објектот.

 

 

Дополнување:

(27.11.2012)

 

Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека најповолен понудувач на електронското јавно наддавање била компанијата „Пера Констракшн“. Според соопштението од министерсвтото, објектот ќе треба да биде изграден во завршна фаза без ентериерно уредување, врз база на идејно решение и основен проект изработен од страна на Општина Центар.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект