Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска ги претстави новите унифицирани рекламни паноа коишто во изминатите неколку месеци се поставуваа на територијата на главниот град. Средствата за надворешно рекламирање е предвидено да се изведат на 1.100 локации, на кои ќе се монтираат 800 билборди, 252 сити лајти и 48 ЛЦД панели. „На двата јавни огласи што ги распиша Градот Скопје за поставување рекламни паноа на подрачјето на градот се избрани 4 концесионери. Со компаниите „Акцент медиа“, „Скрин-медиа“ и „Кала плакат“ веќе се потпишани договори за користење локации за поставување рекламни паноа, а со компанијата „Медиа-С“ се финализира постапката пред потпишување“, изјави градоначалникот Трајановски. Секоја од овие компании добива по 200 локации за поставување билборд, по 63 локации за поставување сити лајт и по 12 локации за ЛЦД панел.
* Извор: Град Скопје
Надоместокот за користење на јавните површини изнесува 302.000 евра во период од една година, така што во буџетот на Град Скопје на годишно ниво по овој основ ќе се слеат 1.208.000 евра. Од Градот Скопје напоменуваат дека се избрани четири компании за да се избегне монополот при изнајмувањето на рекламен простор. Обликот и материјалот од кој што се изработени новите средства за рекламирање се одредени во студијата за регулирање на огласувањето на јавни површини. Градските власти најавуваат дека секој нелегално поставен рекламен панел во иднина ќе биде отстранет од инспекциските служби.