Претходна статија
Енергетска ефикасност е и рециклирање на градежниот отпад
Следна статија
„Скопје 2014“ не мирува - ќе се доврши плоштадот „Карпошово востание“

Промовирана книга за нискоенергетски и пасивни згради

Објавено на 05.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во рамки на 12-от Саем за градежништво во Скопје денеска беше промовирана книгата „Концепт на приод кон мултидисциплинарното проектирање на нискоенергетски и пасивни згради“ од докторот по технички науки Петар Николовски. Со ова стручно дело, Македонија ги прави иницијалните чекори за создавање на литература која што ги опфаќа проектирањето и реализацијата на објекти кои имаат минимална потрошувачка на енергија. Самата книга има за цел да помогне во реализацијата на нискоенергетски и пасивни згради на територијата на нашата земја, но и да учествува во професионалната наобразба на идните стручни лица заинтересирани за оваа научна област.

 

 

 

Како рецензентка на книгата, универзитетската професорка Сања Поповска – Василевска на денешната промоција на делото истакна дека ваков тип на литература недостасува во Република Македонија. Самата книга овозможува стекнување основни сознанија за значењето и начинот на приод кон проектирањето и изведувањето на нискоенергетски и пасивни згради. „Иако се работи за стручна литература, истата е лесно читлива и разбирлива и дава особен придонес за поширокото запознавање и примена на овој современ, еколошки и енергетски одржлив концепт во Македонија, каде во моментов се прават иницијалните чекори во оваа сфера“ изјави Сања Поповска – Василевска.

 

 

 

Во својство на модератор на денешниот настан, архитектката Даница Павловска се задржа на стилот на пишување, за кој таа истакна дека е еднакво податлив за стручните лица, но и за оние читатели кои за прв пат се запознаваат со специфичната содржина. „Не случајно авторот одбрал мирна книжевна линија, така што добиваме мека и читлива литература, сето тоа спакувано во фина визуелизација“ истакна Павловска. Покрај текстуалната содржина, во делото на сликовит начин преку табели, дијаграми, шеми и фотографии се прикажува целокупната материја што е предмет на обработка и анализа.

 

 

 

Издавач на промовираното дело е градежната компанија „Голден Арт“, која со денешниот настан прославува 10 години од почетокот на своето опстојување во македонскиот градежен сектор. По тој повод, на денешната промоција на книгата со пригоден говор се обрати и Ивица Јаќимовски, директор на компанијата „Голден Арт“.

 

 

 

Петар Николовски, автор на промовираната книга, е еден од најпознатите стручњаци во Македонија во областа на енергетската ефикасност и градежната физика. Во изминативе четири и пол децении, има објавено повеќе стручни книги, вклучувајќи ја и неговата докторска дисертација од оваа област. Заедно со уште двајца колеги, автор е на Правилникот за енергетски карактеристики на згради.

 

 

 

Бојан Блажевски