Претходна статија
Државата им го префрли градежното земјиште на осум општини
Следна статија
ТЕМА: Македонските градови заборавија на европската регулатива за енергетска ефикасност

Профункционира откупниот центар на Агрокор во Струмица

Објавено на 02.10.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За време на почетната фаза на изградбата во 2010Денес во Струмица беше отворен откупно – дистрибутивен центар за земјоделски производи „Агрофруктус“, инвестиција на хрватскиот гигант „Агрокор“ вредна 20 милиони евра. Објектот започна да се гради во ноември минатата година и има површина од 8.000 метри квадратни. Во него се вработени околу 300 лица кои ќе се грижат за прием, разладување, калибрирање, сортирање, пакување и испорака на домати, пиперки, краставици и зелка. Земјиштето на кое се реализираше проектот му беше доделено на „Агрокор“ на долготраен закуп на почетокот на 2010 година. Општина Струмица во неопходната инфраструктура инвестираше над 1,2 милиони евра.

 

Новиот откупно – дистрибутивен центар се очекува значително да ја подобри ситуацијата со пласманот на земјоделските производи од струмичкиот регион. Капацитетот на центарот е 60 илјади тони годишно, а претседателот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ, изјави дека во рок од две години ќе се изгради уште еден објект веднаш до постоечкиот, со што капацитетот ќе се зголеми на 100 илјади тони годишно. Земјиштето за новата инвестиција е веќе обезбедено. Тодориќ исто така најави дека „Агрокор“ планира да гради слични капацитети и во другите делови на државава.

 

„Агрофруктус“ е фирма на хрватскиот концерн „Агрокор“, специјализирана за делот на откуп и пласман на овошје и зеленчук. Годишно откупува 130 илјади тони зеленчук и 70 илјади тони овошје со потекло од Хрватска, Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Пласманот воглавно го врши на западноевропските и источноевропските пазари, остварувајќи промет од преку 100 милиони евра. Концернот „Агрокор“ вработува околу 35 илјади луѓе и во 2010 година оствари консолидиран приход во висина од 3,5 милјарди евра.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект