Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, денеска го пушти во употреба новиот цветен пазар на локација спроти Домот на печатот, непосредно до последната станица на автобусот бр. 23. Пазарот располага со 16 монтажни куќарки – цвеќарници распоредени во два реда, со вкупна површина од 242 метри квадратни. Нивната изградба чинеше околу три милиони денари и е целосно финансирана од закупците. Вложените средства ќе им бидат одбиени од закупнината што треба да ја плаќаат за наем на просторот што го користат. Со пазарот ќе стопанисува ЈП „Паркови и зеленило“. На изведбата на платформата на пазарот работеа екипи на ЈП „Улици и патишта“, а куќарките ги изгради градежната фирма „Конструктор“. Околу платформата, на површина од 400 метри квадратни е засадена трева, додека на потегот кон улицата Митрополит Теодосиј Гологанов ќе бидат засадени јавори. За изградба на платформата на пазарот, за уредување на постојката на автобусот бр. 23 и за паркингот што ќе го стопанисува ЈП „Градски паркинг“, Градот од Буџетот одвои околу шест милиони денари.
Дислокација на пазарот се наметна како потреба откако фирмата „Камфуд“ од државата го купи земјиштето на старата локација на улицата Мито Хаџивасилев Јасмин и таму започна со изградба на затворен пазар со административни и деловни содржини. Работите со новиот цветен пазар се одолговлекоа поради конкурсот за куќарките и обезбедувањето на градежна дозвола, поради што цвеќарите одреден период останаа без продажен простор.