Австриската асоцијација на инженери и архитекти на македонскиот професор Милорад Јовановски му додели Голем златен медал за заслуги (Great Gold Medal of Honour) за неговиот исклучителен научен и практичен придонес во развојот на инженерската геологија и гео механика. Ова признание на универзитетскиот професор од Градежниот факултет при УКИМ е исклучително значајно, поаѓајќи од фактот дека во изминативе 25 години е доделено само 3 пати. Врачувањето на медалот за заслуги беше дел од активностите што се одвиваа на 12. Австриска геотехничка конференција, на која професор Милорад Јовановски беше почесен гостин.
*Извор на фотографија: Комора на овластени архитекти и инженери на Р.М.
Професорот Милорад Јовановски има објавено над 140 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни списанија. Додипломските студии ги завршил на Рударско – геолошкиот факултет во Штип во 1988 година, а магистрирал во 1993 година на Рударско – геолошкиот факултет во Белград. Во 2001 година докторирал на Градежниот факултет во Скопје, каде што во моментов држи предавања на студентите од Катедрата за геотехника.