Онлајн петицијата „Архитектонски факултет да го одбрани Скопје“ за помалку од една недела собра речиси 500 потписи од македонски граѓани и интелектуалци. Анонимниот организатор на петицијата ги повикува универзитетските професори и студентите од архитектонските факултети во земјава да излезат во јавноста и да застанат во одбрана на македонската метропола против градбите од проектот „Скопје 2014“. Иницијативата е за стопирање на проектот и нема за цел да предизвика контра радикализам на рушење и агресија врз изграденото. Организаторот има за цел да ја обедини целокупната интелектуална јавност која треба да застане во одбрана на Скопје.
Во петицијата се повикува на протест на интелигенцијата, а ако не успеат останатите граѓански мерки, тогаш се препорачуваат и порадикални мерки: прекин на наставата на факултетите до моментот на стопирање на сите зданија од огромниот проект. „Се бара поддршка од студентите на Архитектонскиот факултет – Скопје, Архитектонскиот факултет при Американ колеџ, сите професори – вработени во истите, потоа Градежниот факултет, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на град Скопје, и целата активна архитектонска интелигенција, потоа ФЛУ и реномираните ликовни уметници, да се појават во јавноста, да организираат заеднички трибини, да подготват сеопфатна презентација за грешките на „Скопје 2014“, се наведува во граѓанската иницијатива.