Министерската за култура Елизабета Канческа – Милевска на денешната прес – конференција го соопшти македонскиот претставник на 14-тото издание на Интернационалната изложба на архитектура во Венеција. Проектот „Наоди“, предложен од Младинскиот културен центар – Скопје, ќе биде национален претставник на најпознатиот светски настан од областа на архитектурата. „Поставката на проектот „Наоди“ е авторски приказ на специфичното просторно искуство на постоењето на градот Скопје изразено преку адекватно одбрани фрагменти од промени низ времето. Авторите нудат креативно дело, базирано на сериозно истражување со професионално осмислена целовитост и јавно дефинирано рационално решение за реализација во просторот“, изјави министерката Канческа – Милевска.
Во проектот ќе учествуваат повеќе реномирани архитекти – Јован Ивановски, Александар Радевски, Ана Ивановска, Огнен Марина, Бојан Каранаков, Владимир Десков и Горан Мицковски, куратор на проектот е Јован Ивановски, доцент на Архитектонски факултет во Скопје, а комесар на претставувањето е Златко Стефковски, директор на МКЦ. Освен овој проект, на годинешниот конкурс на Министерството за култура биле понудени и проектите „Контрадикциите помеѓу брзиот развој на модерната архитектура“ на носителот „Зем – Зем Фешион“ од Куманово и „Карабина – прифаќање на модерноста, хибридизирање на реалноста“ на НУ Национална галерија на Македонија.
Одлуката за тоа кој ќе ја претставува Македонија на врвниот настан во Венеција ја донесе стручна комисија, во состав: проф. д-р Владимир Арсовски, проф. д-р Мартин Гулевски и доц. Енис Јакупи. Темата на претстојното Биенале е „Темели – прифаќање на модерноста: 1914-2014“, поставена од Рем Колхас, куратор на Венециското биенале за 2014 година.