Претходна статија
Повеќе извршени, помалку договорени проекти на градежниците во странство
Следна статија
Гасоводот Штип - Неготино ќе биде пуштен во употреба во првата половина на 2019

Проектирањето на експресниот пат од Битола до грчката граница ќе ја чека наредната година

Објавено на 16.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Наместо годинава да започне со изработка, проектирањето на идниот експресен пат од Битола до Меџитлија ќе почека до следната година за отпочнување на изготвувањето на идејниот проект, проектот за инфраструктура и основниот проект за овој патен правец од паневропскиот Коридор 10д. Името на проектантот што ќе ја подготвува комплетната проектна документација ќе се знае во јануари 2019 година. Проектантските обврски би биле реализирани до средината на 2020 година, а дури потоа би следувала постапката за избор на изведувач за реализација на овој експресен пат.

 

 

Планираниот експресен пат меѓу Битола и грчката граница ќе има должина од 20 километри, вклучувајќи ја и зацртаната обиколница на градот. Овој патен правец би обезбедил побрза врска на југозападниот дел на земјава со Грција, бидејќи тој би се поврзал со веќе изградените автопати А 27 и „Егнатиа Одос“. Финансиските средства за изградба на експресниот пат Битола – Меџитлија треба допрва да се бараат од државата. Во моментов се издвоени околу 47 милиони денари за изработка на проектната документација.

 

Доцнењето со комплетирањето на целосната документација за експресниот пат Битола – Меџитлија е поради поништениот претходен тендер од ЈП за државни патишта. По неуспешниот оглас во јуни годинава, од ова јавно претпријатие деновиве повторно објавија тендер за изработката на проект за идниот патен правец.