Власта и опозицијата продолжуваат со партиските препукувања по изборот на локацијата Веле Поле во општина Ѓорче Петров за изградба на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје. Од опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ велат дека власта лаже кога вели дека ќе изгради нов Клинички центар. „Доколку СДСМ не го прекинеше проектот за изградба на ВМРО – ДПМНЕ до сега истиот ќе беше до половина реализиран, а неговото пуштање во употреба ќе беше за две години од сега. Поради СДСМ се ова е прекинато и нов Клинички нема, а тешко дека во догледно време и ќе има“, обвинуваат од ВМРО – ДПМНЕ.
Од владејачката партија СДСМ денеска повторно велат дека претходниот проект за изградба на здравствениот комплекс во кругот на постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“ бил со потпишан договор за градење, а без притоа да биде издадено одобрение за градба. Проектот што бил изработен за новата клиничка зграда останал без градежна дозвола, поради тоа што бил одбиен од Министерството за транспорт и врски. „Вистина е дека конкретниот проект не предвидувал целосен Клинички центар, односно предвидувал само дел од одделите да бидат лоцирани во новата зграда, а на пример Хируршкиот центар каде е всушност најголемиот товар на цела инвестиција да остане надвор од новата зграда“, велат од СДСМ.
Идниот здравствен комплекс во Скопје е предвидено да чини околу 480 милиони евра, при што за неговата изградба ќе се искористи државно неизградено земјиште со површина од 90 хектари. Владата веќе ѝ даде препорака на општина Ѓорче Петров да отпочне со изработка на урбанистичката документација за новиот Клинички центар.