Фирмата „АС Сењак“ од Кичево е избрана за изведувач на градежните работи за реконструкција на булеварот „Ослободување“, кој претставува најзначајна сообраќајница во градот. Предвидено е да се санира целата траса, која се протега на потегот од градската железничка станица до централниот плоштад во должина од околу еден километар. Со проектот ќе се постави нов асфалт на коловозот, ќе се довршат започнатите бетонски жардиниери на средината на булеварот и целиот простор хортикултурно ќе се уреди. Општина Кичево на избраната фирма ќе треба да и исплати финансиски средства во висина од 60.062.000 денари (околу 975 илјади евра), а рокот за реализација изнесува 18 месеци. Реконструкцијата на булеварот „Ослободување“ првично започна во 2012 година, но на терен не се изведуваат градежни активности веќе неколку месеци.