Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски донесе одлука за продолжување на рокот за доставување идејни решенија на распишаниот архитектонски Конкурс за новата спортска сала на „Работнички“ во Градски парк. „Поради големиот интерес од архитекти – физички и правни лица, како и на барање и од страна на Асоцијацијата на архитекти, а со цел да се добие најквалитетното решение и да учествуваат што поголем број лица, рокот за изработка на идејното решение ќе биде до 1.09.2017 година“ информираат од Општина Центар.
Архитектите се повикуваат да ги достават своите трудови за идната повеќенаменска спортска сала со капацитет од 3.000 гледачи, чија предвидена локација е на местото на постојниот објект и неговото пошироко окружување. Салата треба да биде изградена според сите светски стандарди за овој тип градби. Во неа е планирано да се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис. Архитектонски конкурс беше распишан кон средината на јуни годинава.