Наместо државата, спроведувањето на постапките за отуѓување и давање под закуп на државното неизградено земјиште во иднина ќе го вршат општините. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и претседателот на ЗЕЛС денеска потпишаа договор за предавање на системот е-градежно земјиште на Заедницата на единиците на локална самоуправа. „Во иднина сите постапки за отуѓување или давање под закуп на државно градежно земјиште ќе се спроведуваат од страна на оваа институција“ изјави Сугарески.
Со ваквиот чекор, македонската влада се обидува да го прошири опфатот на децентрализацијата, овозможувајќи им на општините да го искористат правото на управување со државното неизградено земјиште. Министерството за транспорт и врски денес информираше дека досега 46 македонски општини се стекнале со правото да управуваат со државното градежно земјиште и да го користат системот е-градежно земјиште. Во останатите општини постапките се водат преку ова надлежно министерство.
Петре Шилегов, во својство на претседател на ЗЕЛС, истакна дека во иднина ќе ја имаат обврската да го одржуваат и надоградуваат овој информациски систем. Воедно, тој спомена дека приоритет на ЗЕЛС ќе биде сите македонски општини да ги исполнат условите за управување со неизграденото градежно земјиште, со што би успеале самите тие да ги спроведуваат постапките за отуѓување и давање под закуп на градежните парцели.