Општина Илинден денеска објави оглас за продажба на шест градежни парцели за изградба на објекти од областа на лесната и незагадувачка индустрија во рамки на економската зона Марино – Кадино. На потенцијалните купувачи им се нудат локации со површина од 2.615 до 9.766 метри квадратни, а вкупната површина на понуденото земјиште изнесува 25.678 метри квадратни. Според урбанистичкиот план, инвеститорите ќе можат да градат индустриски објекти со максимална висина од 13 метри. Почетната цена за парцелите изнесува 61 денар за метар квадратен, а заинтересираните субјекти треба да ги достават пријавите за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 18 ноември. Наддавањето ќе се одржи на 21 ноември.
По купувањето на градежните парцели, инвеститорите ќе имаат рок од девет месеци, односно 12 месеци за објектите со површина од над 5.000 метри квадратни, за обезбедување на одобрение за градење. Изградбата треба да заврши во максимален временски период од 10 години по добивањето на градежните дозволи.