Во струмичката општина Василево е предвидено да се гради хотелски комплекс и стопански објект, додека во Кривогаштани ќе се подигнат станбени куќи. Министерството за транспорт и врски нуди на продажба шест градежни парцели во овие две македонски општини. Во атарот на селото Владевци се нуди локација од 29.895 метри квадратни наменета за хотелски комплекс со приземје и три ката, со почетна цена од 118 денари за метар квадратен. Во истата општина се продава и парцела од 10.958 метри квадратни во селото Градошорци, која е наменета за изградба на стопански комплекс за откуп, складирање, преработка и дистрибуција на земјоделски производи. Почетната цена на ова земјиште изнесува 61 денар за метар квадратен.
Во објавениот оглас се нудат и четири плацови за станбени куќи во општина Кривогаштани, со површина од 778, 896, 974 и 995 метри квадратни, по цена од 193 денари за метар квадратен. Огласеното земјиште во општина Кривогаштани ќе се отуѓува на електронска лицитација на 3 февруари 2015 година, додека она во општина Василево на 5 февруари.