Општина Пробиштип денеска ја продаде градежната парцела од 84.465 метри квадратни за изградба на леарница за железо и производи од железо. Земјиштето, лоцирано на само 1,5 километри од првите куќи во градот, е продадено по цена од 71 денари за метар квадратен. Неофицијално, компанијата „Кранфилд Фаундри“, основана од фирма на Девствените острови, е купувачот на локацијата за градење. Таа ќе има рок од 12 месеци за да обезбеди одобрение за градење, период во кој Министерството за животна средина и просторно планирање ќе мора да се изјасни дали ќе издаде интегрирана еколошка дозвола за подигање на овој објект од тешката индустрија.
Во согласност со официјалната документација за влијанието врз животната средина, компанијата „Кранфилд Фаундри“ има намера во Пробиштип да гради челичарница што ќе се состои од пет дела: топилница со индуктивни печки и затворен склад за секундарно железо, административна зграда, погон за компјутерска машинска контрола, линии за производство на калапи и постројка за пескарење со површина од околу 15.000 метри квадратни. Во делот на топилницата, планирано да се инсталираат машини со вкупен инсталиран капацитет за топење на 100.000 тони секундарно железо на годишно ниво.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk