Приватниот сектор заинтересиран за инвестирање во битолската индустриска зона „Жабени“. На денешната електронска лицитација се продадоа седум од понудените 16 локации за изградба на индустриски објекти за производство, дистрибуција и сервис. Градежните парцели со големина од 3.592 до 8.154 метри квадратни се отуѓија по цена од 71 денари за метар квадратен, а имињата на инвеститорите ќе бидат објавени при потпишувањето на договорите за купопродажба на земјиштето. Вкупната површина на продадено земјиште од одржаното наддавање изнесува 35.436 метри квадратни, со што во буџетот на општина Битола ќе се слеат 2.515.956 денари. Компаниите што го купија земјиштето се обврзани да обезбедат одобренија за градење во рок од девет месеци од потпишувањето на договорот и да ги изградат предвидените објекти во период од 72 месеци.
Во индустриската зона „Жабени“ веќе се гради фабриката за производство на кабелски инсталации за автомобили на германскиот производител „Кромберг и Шуберт“. Атрактивниот простор за привлекување на домашни и странски инвестиции од областа на лесната и незагадувачка индустрија е лоциран на 10 километри од Битола и се простира на вкупна површина од 216 хектари. Приватните компании досега купија преку 34 хектари од целокупното земјиште, при што значителен интерес се пројавува на секоја од електронските аукции. Покрај неопходната инфраструктура за непречено одвивање на производствената дејност, индустриската зона „Жабени“ најдоцна до крајот на 2014 година ќе добие и приклучок до железничката пруга од Битола до грчката граница.