Претходна статија
Општина Аеродром продолжува со уредување на нови паркови
Следна статија
Вложувањето во заштеда на енергија е вистинскиот одговор на поскапувањето на струјата

Проблеми со префрлувањето на државното неизградено земјиште на општините

Објавено на 16.01.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Помина повеќе од половина година од официјалниот рок за префрлање на државното неизградено земјиште, а македонските општини сеуште се незаинтересирани за исполнување на критериумите со кои ќе добијат нов финансиски прилив во нивните буџети. Само 14 локални самоуправи низ државата управуваат со градежното земјиште, додека дополнителни 12 поднеле барања и моментално се наоѓаат во постапка на одлучување. Прилеп е последната општина која од почетокот на годинава ги презеде ингеренциите и ги исполни пропишаните услови од Законот за градежно земјиште.

 

 

 

Министерството за транспорт и врски во неколку наврати упати апел до градоначалниците да ги исполнат критериумите за донесување Програма за работа од областа на управување со градежното земјиште, воведувањето електронски систем за јавно наддавање, обезбедување на лиценцирани општински службеници и за формирање комисија која ќе ја спроведува постапката за јавно наддавање. Познавачите на состојбата пак во неколку наврати најавуваа дека интересот за префрлување на земјиштето ќе заврши на оние општини кои имаат атрактивни локации кои по високи цени ќе можат да ги продаваат на приватни лица.

 

Како официјален рок за преземање беше определен 1 јули минатата година, самата постапка доцнеше 3 месеци, а на крајот само 8 единици на локалната самоуправа го презедоа земјиштето. Во изминативе 3 месеци цифрата се зголеми на 14. Ако се земе во предвид фактот дека Македонија е поделена на 84 општини, тогаш лесно може да се констатира дека овој процес се наоѓа пред сериозни потешкотии и проблеми кои ќе доведат до развлекување на неговата реализација на подолг временски период.

 

 

Бојан Блажевски