Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски вчера до Уставниот суд поднесе Иницијатива за поведување на постапка за утврдување на уставноста и законитоста на проблематичните ДУП-ови „Тасино Чешмиче“ и „Капиштец – Водно“, за кои се гласаше пред помалку од две недели во општинскиот совет. Првиот човек на оваа скопска општина бара поништување на двата урбанистички плана, бидејќи смета дека тие се нелегитимни, незаконски, противуставни и ништовни. Според информациите на Жерновски, граѓаните се подготвуваат да поднесат поединечни иницијативи до Уставниот суд за спорните ДУП-ови.
Покрај овој потег, градоначалникот Жерновски во денешната изјава за медиумите истакна дека тој упатил и известување до министерот за локална самоуправа со барање за запирање на оспорените одлуки на Советот на општина Центар. На почетокот од август годинава, општинскиот совет гласаше за двата урбанистички плана, при што 11 советници од ВМРО – ДПМНЕ гласаа против, додека 11 советници од СДСМ гласаа за решението на градоначалникот Жерновски за стопирање на ДУП-овите. Претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ тогаш гласаше воздржано.