Општина Штип продолжува со реализацијата на проектот за уредување на коритото на реката Отиња во градот. Во моментов се изведува втората платформа за паркирање над реката, а градежните екипи истовремено работат на уредување на коритото на последниот дел – на потегот од мостот кај црквата „Св. Никола“ до бензинската станица кај Ново Село. Новата паркинг платформа ја изведува фирмата „Бауинженеринг“, за што се одвоени финансиски средства во висина од околу 4,4 милиони денари. Платформата ќе обезбеди дополнителни 15 паркинг места во центарот на Штип, а изградбата се очекува да заврши до средината на август.
Локалната самоуправа работи и на кејот, чија вкупна должина е 1,7 километри. Планирано е последниот сегмент да се комплетира до крајот на годинава. Во изминативе две години се завршија околу 1.000 метри од кејот, при што целиот простор беше хортикултурно уреден, беа изведени пешачки патеки и беше поставена урбана опрема.