Претходна статија
Нови студентски домови и универзитет ќе се градат во Скопје
Следна статија
„Кино Култура“ - култниот простор повторно во функција на граѓаните

Привршува изградбата на гасоводот Клечовце – Штип, СДСМ реагира

Објавено на 21.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Девет месеци од почетокот на градежните работи, под земја се поставени 50 километри од цевките на магистралниот гасовод од кумановското село Клечовце до Штип. Енергетскиот коридор со должина од 61 километри треба да се комплетира до средината на јуни 2016 година. До тогаш, долж целата траса што минува низ општините Свети Николе и Штип е предвидено да се постават околу 5.000 гасоводни цевки, кои ќе минуваат низ 22 премини на реки и патишта. Дијаметарот на гасоводните цевки е 508 милиметри, а капацитетот ќе изнесува 105.500 метри кубни гас на час. Проектот вреден 75,7 милиони долари воедно претставува и подмирување на клириншкиот долг на Руската Федерација кон нашата земја, ако се земе во предвид фактот дека 60 милиони долари од средствата произлегуваат од овој извор.

 

 

 

Од опозициската партија СДСМ, денеска излегоа со реакција за руската фирма „Стројтрансгас“, која е изведувач на работите на терен. Од таму прашуваат дали фирмата која е ангажирана за изведба на гасоводот се наоѓа на црната листа на САД и на ЕУ. Социјалдемократите посочуваат дека македонците плаќаат најскап гас во Европа, но и дека граѓаните можеле да ги видат вистинските бенефити од гасоводот во Струмица и Куманово, каде што СДСМ ги реализираше првите два гасоводни дистрибутивни мрежи во Македонија.

 

„Во Програмата, една од мерките на СДСМ е природниот гас да биде достапен во цела Македонија преку изградба на дистрибутивни мрежи до сите урбани средини со што граѓаните ќе добијат алтернативен и еколошки енергенс. Македонија треба да се приклучи кон преносните системи за природен гас на соседните земји како и кон иницијативата за изградба на ТАП (Trans Adriatic Pipeline), а со цел да добие и обезбеди сигурност и ефикасност во снабдувањето со природен гас, посебно во југозападна Македонија“, велат од СДСМ.