Наместо општина Битола, со уличното осветлување во градот во иднина ќе управува приватна компанија. Локалната самоуправа денеска распиша оглас за воспоставување на јавно – приватно партнерство за ревитализација, модернизација и одржување на уличното осветлување на територијата на општина Битола. Концесионерот ќе ги добива приходите што ги плаќаат граѓаните за уличното осветлување, а за возврат ќе треба да инвестира во обнова на светилките и столбовите во Битола, Цапари, Бистрица и Кукуречани. Договорот ќе биде со времетраење од 15 години.
Покрај тековната санација на уличното осветлување, приватниот партнер во иднина ќе треба да инвестира и во замена на постоечките светилки со нови, кои ќе ги задоволуваат пропишаните мерки за енергетска ефикасност. Општината проценува дека вредноста на целокупниот договор ќе изнесува околу 5 милиони евра. Пријавите за учество на распишаниот повик треба да се достават најдоцна до 17 септември.
Објавениот повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство следи откако Советот на општина Битола во август 2013 година донесе одлука за отпочнување на постапката за модернизација на уличното осветлување. Главното образложение за овој потег е дека јавното осветлување продуцира голема потрошувачка на електрична енергија, но и дека дел од постоечките светилки во градот се наоѓаат во дефект.