Општина Карпош се реши да го продаде дворното земјиште од основното училиште „Јан Амос Коменски“ во населбата Тафталиџе 1. Постоечките бараки во кои е сместено приватното основно училиште „Јахја Кемал Јуниор“ ќе се рушат и на нивно место ќе се гради нова зграда [»мапа]. Понудената градежна парцела е со големина од 10.430 метри квадратни за изградба на образовен објект со компатибилни класи на намена за мали комерцијални и деловни дејности, деловни простории, култура, спорт и рекреација до 20 отсто од предвидената максимална површина на објектот од 20.000 метри квадратни. Идното приватно здание од областа на образованието би било со максимална висина од 13,5 метри, односно приземје, три ката и поткровје.
Локалната власт планира да ја отуѓи градежната парцела по цена од 1.843 денари за метар квадратен, поточно вкупната вредност на земјиштето е проценета на 19.222.490 денари. Планираниот објект ќе може да се гради во неколку фази, при што најповолниот понудувач е должен да изгради најмалку 40 отсто од целокупната развиена градежна површина. Идниот инвеститор во овој проект ќе и биде добро познат на македонската јавност. Покрај банкарската гаранција за сериозност на понудата во износ од 50.000 евра, заинтересираните субјекти ќе мора да достават доказ дека имаат изградено или поседуваат најмалку пет образовни објекти на различни локации на територијата на Македонија, заедно со пријавата за учество на електронската аукција. Како дополнителен критериум за стекнување сопственост врз парцелата е наведено и доставувањето банкарска гаранција за изградба на објектот во висина од 50.000 евра. Електронското јавно наддавање за продажба на локацијата е закажано на 25 јануари 2013 година.