Компанијата „Калтун енерџи“ од Скопје е заинтересирана за изградба на паркот на ветерни електрани „Дрен“ во непосредна близина на селото Дрен во општина Демир Капија. Идниот енергетски капацитет би имал инсталирана моќност од 33 мегавати, со проектирано годишно производство на електрична енергија од околу 74 гигават – часови. Со инвестицијата е предвидено да се подигнат 10 ветерни турбини, при што инсталираната моќност на секоја од нив би била 3,3 мегавати. Заинтересираниот инвеститор во текот на минатиот месец ја има доставено Студијата за оценка на влијанието врз животната средина за изградба на оваа ветерна електрана до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во изработената студија од консултантската фирма „Еволвинг ДОО“ од Скопје се нагласува дека претстојниот проект ќе има позитивно влијание за унапредување на снабдувањето на потрошувачите со електрична енергија и зголемување на стабилноста во снабдувањето со истата. Од аспект на можното негативно влијание врз птиците и лилјаците на овој предел од Демиркапискиот регион, инвеститорот веќе ги започнал подготовките за мониторинг на локацијата за да се намалат или спречат ваквите негативни влијанија.
Покрај изградбата на ветерната електрана „Дрен“, инвеститорот планира да го догради и прошири постојниот локален пат до Дрен, но и да изгради 110 – киловолтен далновод до трафостаницата „Дуброво“ со должина од околу 25 километри. Доколку се реализира ваквата инвестиција, тоа ќе биде прв ветерен парк изграден со приватен капитал на територијата на нашата земја. На југот на Македонија, ЕЛЕМ веќе го изгради ветропаркот „Богданци“, а на почетокот од годинава стигна најавата и за изработка на документација за изведба на нова ветерна електрана кај гевгелиското село Миравци.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk