Стартуваше употребата на природен гас во Струмица. Со проектот за гасификација на градот досега е комплетирана примарната гасоводна мрежа во должина од 13 километри, пуштена е во употреба декомпресиската станица со капацитет од 2.500 метри кубни на час, монтирани се 12 мерно – регулаторни станици и целосно се преадаптирани котларниците на сите институции што се под надлежност на Општина Струмица. Во моментов се работи на завршување на секундарната гасоводна мрежа во должина од седум километри, со што ќе се овозможи поголем број на домаќинства и индустриски капацитети да го ползуваат овој енергенс. Природниот гас веќе започнаа да го користат јавните установи во градот, а според информациите на локалните власти од наредниот месец ќе започне неговата употреба и од страна на домаќинствата.
Цената за приклучок на гасоводната мрежа за домаќинствата изнесува 700 евра. Сепак, голем проблем со кој се соочува ЈП „Струмица – гас“ е цената за користење на гасот што допрва треба да ја одреди Регулаторната комисија за енергетика, но и недостигот на потребните лиценци за работа од ова надлежно тело. Оттаму уште пред еден месец објавија соопштение во кое се наведува дека треба да се достават сите релевантни податоци за дистрибутивниот систем, по што јавното претпријатие ќе добие лиценца за вршење енергетска дејност за дистрибуција на природен гас и лиценца за снабдување со природен гас на тарифните потрошувачи приклучени на постоечкиот систем. Локалната самоуправа од Струмица вложи два милиони евра во проектот за гасификација на градот. Енергенсот со цистерни ќе се транспортира од Бугарија до декомпресиската станица, од каде ќе се дистрибуира до крајните потрошувачи.