Претходна статија
Пуштени во употреба повеќе нови спортски игралишта
Следна статија
Жичарницата ќе му припадне на ЈСП

Природниот гас потече во Куманово

Објавено на 11.11.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вчера, во пресрет на денот на ослобудувањето на градот, во Куманово беше ставена во функција гасоводната инфраструктура и потекоа првите количества гас. Со ова Куманово стана прв град во Македонија со функционална градска гасоводна мрежа. Досега во државава поволностите од овој енергенс беа привилегија на само триесетина поголеми потрошувачи. Според Момчило Мирчевски, директорот на Јавното претпријатие „Куманово гас“ кое е во сопственост на Општината, за почеток гас ќе има само за јавните установи, потоа за правни субјекти, а по Нова година ќе може да почнат да се приклучуваат и граѓаните, за што интересот бил голем.


Засега е обезбедена покриеност на градот со гасоводна мрежа од околу 25%, претежно во централното градско подрачје. Според градоначалникот Зоран Дамјановски, во моментов има услови за приклучок на околу 800 фирми и 6.000 домаќинстава. Се очекува цената на приклучокот да не биде повеќе од 800 евра за физички лица, додека за фирмите ќе зависи од моќноста на котелот и ќе се движи од 2.000 до 6.000 евра.


Во постоечката гасоводна инфраструктура во градот која вклучува 10-километрска секундарна гасоводна мрежа се инвестирани 2 милиони евра, исклучиво средства на локалната самоуправа. За заокружување на проектот за гасификација на Куманово ќе биде потребна изградба на мрежа во должина од околу 140 километри и инвестиција тешка околу 10 милиони евра. Се планира ова да се оствари во наредните две до три години, со помош на задолжување или преку јавно – приватно партнерство во кое 51% ќе и припаѓа на Општината. Дел од потребните средства ќе се обезбедат и од приклучоците што ќе ги плаќаат потрошувачите. Кога ќе се заврши целиот проект, димензиониран е да ги задоволи потребите за природен гас на 30.000 домаќинства и на 2.000 фирми.