Покривот на градскиот пазар во Прилеп ќе биде изведен од 1.300 фотоволтаични панели што ќе произведуваат електрична енергија. Општина Прилеп преку јавното претпријатие „Пазари“ планира да инвестира во соларната електрана, која би обезбедила електрична енергија за градскиот пазар, старата чаршија, општинската зграда и за други објекти од централното градско подрачје. Со покривањето на пазарот со фотоволтаици би се произведувале 271,8 киловати електрична енергија во текот на едно деноноќие, што е еквивалентно на потребите од енергија за 3.000 светилки.
Прилепските локални власти треба да изработат физибилити студија за оправданоста од изведбата на овој енергетски капацитет, по што би се утврдиле позитивните страни од неговата реализација. Ако инвестицијата се покаже како оправдана, тогаш ќе се трага по финансиски средства од фондовите на Европската унија за нејзината реализација. Плановите за реализација на соларната електрана се вметнати во програмата за работа за периодот од 2017 до 2021 година. Поставувањето на фотоволтаичната централа е дел од пообемниот проект за целосна реконструкција на прилепскиот градски пазар.