Општина Прилеп го поништи тендерот за набавка на нови автобуси за јавниот градски превоз. Граѓаните од овој град ќе мора да се возат со стари превозни средства до целосната реализација на повторената тендерска постапка за нивно купување. Како што се наведува во образложението објавено на Електронскиот систем за јавни набавки, општинските власти не можеле да извршат избор на најповолна понуда поради битни повреди на Законот за јавните набавки. Тендерот за набавка на нископодни автобуси беше распишан кон крајот на летото минатата година, а неговата вредност изнесуваше 47 милиони денари.
Прилепската локална самоуправа планира да набави четири нови автобуси со клима уреди и низок под за превоз на хендикепирани лица. Идните превозни средства треба да ги заменат постојните дотраени автобуси што ги користи Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање, коешто е задолжено за да ги одржува линиите од прилепскиот градски сообраќај. Нова тендерска постапка треба да следува во претстојниот период, при што очекувањата се дека со неа ќе се купат четири автобуси што ќе имаат капацитет да превезуваат минимум 61 патници.